Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република, Јоанис Малукос.
Таа, третирајќи ја Грција како важен сосед и потенцијален стратешки партнер, изрази искрено очекување за отворање ново поглавје во меѓусебните односи, во духот на добрососедството, градено низ bona fide политика.
За Сиљановска-Давкова, Хеленската Република, како земја од регионот со најдолго искуство во Европската Унија, има историска и политичка одговорност за европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Во пресрет на грчкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, таа очекува засилен грчки ангажман насочен кон исполнување на ветувањата од Солунската агенда во далечната 2003 година.
Во однос на економската соработка, претседателката ги издвои Коридорот 10 и гасниот интерконектор како проекти од стратешко значење за обете земји, заради сигурниот гарантиран придонес кон поголема поврзаност, економски развој и регионална енергетска безбедност.
Претседателката ја поздрави грчката иницијатива за впишување на регионот на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО, заради неговата исклучителна природна и културна вредност.
Таа цврсто верува во моќта на културната дипломатија, водена од фантастичниот успех на грчко-бугарско-македонската изведба на сценската кантата „Carmina Burana“.
Амбасадорот Малукос изрази подготвеност за добрососедството, градено преку конструктивен политички дијалог и доследно почитување на меѓународното право.
„Во исто време, Грција останува цврсто посветена на европската перспектива на Северна Македонија, како и на целиот регион на Западниот Балкан, и на поддршката на напорите на патот кон членство во ЕУ. Искрено се надевам дека, за време на мојот мандат, кој ќе се совпадне со грчкото претседателство на Советот на ЕУ, ќе бидеме сведоци на значителен напредок на Северна Македонија во оваа насока“, порача грчкиот амбасадор во Скопје.
Присуството на грчките компании во земјава, амбасадорот го оцени како важен економски мост.
Сиљановска-Давкова упати срдечни поздрави до грчкиот претседател, Константинос Тасулас, и до грчкиот народ.
На крајот, на амбасадорот Малукос, му посака добро здравје и успешна работа.






