Новинарско прашање: Заврши средбата со вашата колешка Jотова, што разговаравте?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Средбата беше отворена и сите ги искажавме сопствените позиции. Се разбира, секојпат и разговор почнува некаде и некогаш.
Денес го започнавме и ние овој разговор за разликите, за нашите видувања, за нивните видувања. За мене е најважно што се согласивме дека многу време сме изгубиле, дека можеби, поинаку би гледале на сите проблеми, па и на вакви проблеми кои се тешки, очигледно, доколку имало поинаква комуникација, таква какво што имало некогаш.
Меѓу ученици од гимназија, меѓу студенти, меѓу академии, се разбира во културата има, но не се со таков интензитет, доколку заедно се граделе инфраструктурни објекти, доколку во заеднички проекти се аплицирало, зошто тогаш пријателството го докажувате на дело, не го доживувате другиот како закана, туку како сосед и шансите за добрососедство и пријателство се поголеми. Тоа е едното, но многупати велам дека политиката е далеку од уметност на можното, се разбира, јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги чуеме вистинските позиции. Не можете да решавате нешто заедно, низ дијалог, доколку не знаете кои се вашите позиции.
Новинарско прашање: Дали од другата страна ги слушнавте нивните позиции?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Да, ги чувме нивните позиции, еве јас за почеток, за да им дадам шанса на разговорите, на преговорите и на дијалогот, за да не останам на монолог, само ќе кажам дека едно на обајцата ни стана јасно. Не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите, што произлегуваат од работата на двете комисии, односно на историската комисија. Толку можам засега да кажам. Во поглед на овие, се разбира, ние исто така ги изложивме нашите позиции, нашите видувања и особено ја потенциравме обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на Европската Унија, да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур, бидејќи пресудите важат и сите членки на Советот на Европа имаат судии во Судот во Стразбур. Ете тоа беа, се разбира дека изразивме став дека треба почесто да се сретнуваме, да разговараме, колку и да тоа понекогаш изгледа дека нема да вроди со резултат доколку сте на сопствените позиции, ама обично дијалогот не е извесен резултатот доколку сте закопани во своите позиции не можете да исчекорите. Ама јас би ја оценила средбата како успешна, прво Самитот го оценувам како успешен, штом опстоил 30 години и затоа укажав нели Софија, а сите повикуваа на мудрост, има логика и мудри луѓе како што ја формирале Европската Унија оттогаш европската заедница го формирале и процесот на Југоисточна Европа. Е сега, ако анализираме колку сме го препознавале регионалниот интерес, колку сме се поддржувале секаде, што значи и во Европската Унија бидејќи ова е како едно регионално друштво освестено коешто знае дека заедно можеме да бидеме погласни, ако сме единствени, дека можеме да ги браниме и регионалните интереси, да бидеме успешни во проекти и така натаму. Многу беше успешен. Сите повикуваа на понатамошна соработка, оддадоа признавање на работата на претседавачот, претседателството, во случајот на Бугарија каде што е формиран овој процес пред 30 години, меѓутоа сите повикувавме дека зборовите се некогаш убави, ама дека се поважни делата, односно потезите што ќе ги влечеме и дека е логично да има синергија меѓу кажаното и стореното.
Новинарско прашање: Кои ќе бидат следните потези? Велите дека е важно да се повлечат потезите. После една ваква средба, ја оценувате како продуктивна и слушнавме дека не се единствените услови само уставните измени. Што е сега следно? Што би направиле со оглед на тоа дека на маса е и нон-пејпер којшто беше презентиран во Тиват?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Така. Денеска воопшто не стана збор за нон-пејперот. Јас се обидов се разбира да упатам и на новата улога која е поотворена, поодлучувачка на претседателот на Франција и на господинот Мерц, меѓутоа, немаше за тоа интерес. Главно разговорот се фокусираше на прашањата со коишто се соочуваме ние како соседи, прашањата за отворањето на, се разбира, на одржувањето на втората невладина конференција односно почетокот на преговорите односно, отворањето на кластерот, фундаменти со коишто почнуваат и завршуваат преговорите. Што да кажам?
Новинарско прашање: Претседателке, дали воопшто станало збор за некоја наредна средба со Јотова или евентуално некоја наредна средба?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Ако мислите на конкретна средба, не но, изразивме и ние, и претседателката на Бугарија, спремност да разговараме, да се гледаме, да дебатираме, да се сослушуваме, да се почитуваме и кога не се согласуваме и мислам дека првиот тест го поминавме. Тежок беше почетокот, но не рековме да не се видиме повеќе, дека нема меѓу нас веќе можност за разговори. Напротив, сите изразивме спремност да продолжиме да разговараме.
Новинарско прашање: После официјалната прес-конференција на претседавачот, претседателката Јотова којашто го предава претседателството на Романија со Партнерството за соработка на Југоисточна Европа, бевте повикана да дадете изјава за бугарските медиуми. Се соочивте со низа прашања коишто на моменти дури беа, искрено, тенденциозни и малку непријатни за сите што бевме тука. Како би ја оцениле оваа, како да кажам, овој медиумски интерес од страна на бугарските медиуми?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Не би сакала да коментирам за медиумите, и дома тоа не го правам, ни овде, меѓутоа сакам да објаснам за следново. И ние сме имале претседателство, и ние сме претседавале со Процесот на Југоисточна Европа и тогаш правилата велат дека или кодексот вели дека сегашниот претседавач, претседавачот пред него и земјата што го презема претседателството даваат на крајот изјава и тоа на своите јазици. Во случајов значи пртседателката на Бугарија, претседателот на Албанија и министерката за надворешни работи на Романија бидејќи Романија го презема претседателството. И сум била на неколку, нема други прашања од новинари, меѓутоа, јас кога тргнав на средба со соговорничката од Косово бев пречекана од повеќе новинари и не знам како да се однесувам, да речам не ви одговарам, ќе биде дека не сум кооперативна и дека не сум добронамерна. Се разбира јас побарав на англиски ако може да ме прашаат, но мислев дека тоа ќе оди по некој ред. Буквално тоа беше, како да кажам, бомбардирање со прашања. Се разбира, јас се обидов на некои да одговорам, меѓутоа немаше атмосфера за одговарање бидејќи самите новинари не се дослушуваа, туку истовремено поставуваа прашања и се разбира јас реков, јас најдобронамерно ви пристапив за да не ве избегнам, но ме чека соговорничка, молам ако може да ме ослободите. Ете така беше тој настан.





