Сиљановска-Давкова го врачи признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година

17 декември 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, заедно со претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, им врачи признание „Македонски квалитет“ за 2025 година, на единаесет домашни компании за нивниот придонес во развојот на македонската економија и афирмацијата на македонскиот квалитет во земјава, регионот и пошироко.

Годинешни носители на признанието се: Комерцијална банка – Скопје, Пекабеско, Малиќи Груп, Кабтел, ГОЛДЕН АРТ, Еко Логистик Сервис – Скопје, ЛТХ Леарница – Охрид, Велидент Трејд, Дамипак, НЕТАМ и БОМИ 10 ЛОГИСТИК.

За Сиљановска-Давкова наградите не се само симболична, туку и суштинска верификација на македонскиот бренд. Таа истакна дека тие не се случаен подарок, туку логична последица на стратешко размислување, примена на современи техники и технологии и системско вложување во креативен човечки капитал.

Според неа, резултатите на најдобрите компании се доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес.

Во време на глобални геополитички и економски предизвици, претседателката посака во 2026 година да создадеме поповолна и поконкурентна бизнис-клима, којашто ќе резултира со стабилен раст и подобар животен стандард за граѓаните.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани членови на Сојузот на стопански комори,
Почитувани добитници на признанието „Македонски квалитет“,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Со особено задоволство го поздравувам континуитетот на оваа значајна манифестација, бидејќи минатата година присуствував на неа – доделувањето на признанието „Македонски квалитет“. За мене тоа е симболична, но и суштинска верификација на македонскиот бренд.

Овој настан не е само свечен чин, туку и јасна порака дека препознаваме, афирмираме и наградуваме вредности како: стандард, квалитет, одговорност, посветеност.

На крајот на 2025 и во пресрет на 2026, имам и имаме пријатна задача на единаесет компании да им врачиме признанија доделени од вас, од Сојузот на стопански комори. За мене наградите не се случаен подарок, особено не новогодишен подарок, туку логична последица на стратегиско размислување, на системско вложување во креативен човечки капитал, но и во современи техники и технологии. Тие недвосмислено потврдуваат дека, исто како што е и во науката, така и во економијата, успехот е секогаш  резултат на визија, на истрајност, на знаење, на  храброст, а не на неочекуван среќен момент!

Компаниите што ги наградуваме персонифицираат и демонстрираат зрелост и потенцијал на македонското стопанство да креира одржливи модели на раст, да генерира иновации и да одржува динамична, но стабилна бизнис-клима.

Нивната адаптибилност на променливите услови, а никогаш не биле попроменливи чинам, нивната способност да ги надминуваат предизвиците и сепак да останат доследни на високите стандарди и критериуми за квалитет, дури и во тешки времиња и околности, ги издвојува како вистинска движечка сила на економскиот и општествениот напредок.

Резултатите што ги постигнале најдобрите компании за мене се јасен доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес. Тие покажуваат дека во амбиент во којшто се негува стабилна и предвидлива бизнис-клима, вложен труд и знаење, неминовно прераснуваат во триумф. Бидејќи за мене е ова своевиден триумф. Нивниот пример сведочи дека доследноста, истрајноста и решителноста да се остане посветен на борбата за повисок квалитет, водат кон поголема продуктивност, кон отворање нови можности и кон создавање долгорочни перспективи.

Мислам дека овие успеси имаат повеќеслојно значење. Имено, тие не се сведуваат само на висината на остварениот профит, туку подразбираат додадено знаење, иновативност, поттикнување и негување на претприемачкиот дух и се разбира нешто што е најважно – придонес кон општото добро, кон res publica и кон благосостојбата. Секоја наградена компанија не е само еден изолиран, уникатен индивидуален успех, туку е темел за идни слични и поголеми успеси, за нови дострели, се разбира, инспирирани и потпрени на овие, но и на претходните.

Смесни сме дека живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по пандемијата на ковид-19, инфлациските притисоци, енергетската криза, сите тие оставија длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание, се разбира, не нè одмина ни нас.

Како дел од регионалниот, но и од европскиот и од глобалниот пазар, македонското стопанство, мене ми е јасно иако сум лаик во оваа област, е изложено на сите турбуленции. Токму затоа, улогата на државата е клучна во создавањето соодветни претпоставки,амбиент за брзо престројување, за развој и за нешто на коешто постојано се повикуваме –  системска поддршка на бизнисот.

Искрено посакувам, и не само што посакувам и очекувам, 2026 година да биде насочена кон создавање, креирање поповолна и поконкурентна бизнис-клима којашто ќе резултира со стабилен раст, со подобар животен стандард за граѓаните и се надевам идната година со нови, заслужени награди.

На добитниците на денешните признанија дозволете ми да им упатувам искрени честитки, со желба за уште поголем компетитивен капацитет и за национална, регионална и меѓународна видливост и препознатливост.

На крајот, вашата работа и понатаму нека биде водена од јасната визија заснована врз професионализам, но и на духовна посветеност.

На новото раководство на Сојузот на стопански комори му посакувам успешно соочување со предизвиците и надминување на проблемите. Посакувам консолидирано членство, што ќе вроди со плодна работа и со меѓусебна соработка.

Како и минатата година, така и годинава, сите членки на Сојузот на стопански комори ги охрабрувам да продолжат да бидат незапирлива движечка сила на македонското стопанство.

Зошто? Затоа што длабоко верувам дека вашите успеси не се само деловни достигнувања, но многу повеќе од економски. Тие се државен, национален и општествен прогрес!

Затоа сакам да ви посакам сѐ најубаво во новата година и да ве охрабрам и следната година, умот, знаењето, решеноста да ги негувате и да ги вложувате за овде да видиме повторно нови заслужени награди.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

Сиљановска-Давкова прими талентирани ученици кои изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари

По повод 8 септември, Денот на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна...

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од неа, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото на Вила Водно се одржа панел-дискусија, насловена како  „8 Септември низ призма на негови непосредни...