Сиљановска-Давкова свечено го отвори 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

5 јуни 2026 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вечерва во Прилеп, го прогласи за отворено 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Јубилејниот фестивал започна со изложба „60 години Војдан Чернодрински – Прилеп“ во рамките на којашто на повеќе локации се поставени артефакти од неговата долгогодишна традиција. На свеченоста беа доделени награди за животно дело: на режисерот Сашо Миленковски, на театарскиот деец Љубомир Чадиковски, на актерот и пeдагог Атила Клинче и на Веби Ќерими актер, режисер и педагог.

Годинашното издание на „Војдан Чернодрински“,  се одржува под покровителство на претседателката,  на која во рамките на свеченото отворање ѝ беше врачена благодарница.

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувана директорке на фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ана Стојановска,

Почитуван министер за култура, Зоран Љутков,

Почитуван градончалник, пратеници, уметници, љубители на театарската уметност,

Драги пријатели,

Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, коишто продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата.

Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси.

Во овој  дом, свет дом, се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик. Тука, меѓу овие ѕидови е отелотворен уметничкиот дух, меморирана е актерската реч, вграден е вашиот говор на телото.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат.

Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може.

Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор, Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Јас сум почестена, исто колку и лауреатите. Чест ми е да го прогласам за отворено,  јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечен да е.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Во пресрет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, се сретна со директорот Димитрија Доксевски, актер, сценарист и продуцент и со Марија Димитрова,...

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков. Во разговорот беше оценето дека односите меѓу двете земји во изминатиот период добија нова динамика, со активен политички дијалог и...

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...