Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на централниот настан на ОБСЕ во рамки на 16-те дена активизам против родово-заснованото насилство

24 ноември 2024 | Обраќања

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на централниот настан насловен „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“ што во организација на мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржа во Културно-едукативниот центар Лабораториум, а во рамки на 16-те дена активизам против родово-заснованото насилство.

Почитувани,

Ќе се обидам да звучам еретички, именувајаќи ги нештата со нивното вистинско име и избегнувајќи ги еуфемизмите. Проблемот познат како родово заснованото насилство не е ендемски феномен, односно ниту е само балкански, или македонски. Напротив, за жал, во прашање е широко распространета појава во светот, управуван од Марс, а не од Венера. Негови најголеми жртви се  младите жени и децата, односно цивилите. Замислете, во 21 век се војува на тлото на Европа и на Блискиот исток! Да потсетам: ООН настана како мировен проект, а ова важи и за Европската заедница, подоцна Европската унија. Основачите веруваа дека настапи ерата на вечен мир, ама војната е грда реалност. Догодина, ООН ќе слави 80 години постоење. Се закити и со Нобелова награда за мир, а пред очите на Советот за безбедност се случува војна. Ние, пак, се собравме во „Лабораториум“ да бараме решенија за насилството врз младите жени и девојки. Чинам дека е крајно време за длабоки реформи на ООН и избор на жена со маслиново гранче в раце за генерален секретар.

До кога ќе живееме во воен амбиент? Денес, под покровителство на ОБСЕ ќе потпишеме уште една, којзнае која по ред, Декларација за намера против насилството, но не верувам дека по неа ќе нема насилство врз жените и младите девојки, кои многу пати се инструментализираат во војните, стануваат објект, воен плен, жртви или преживеани. Слушам дека воените видео игри се најбарани и најиграни. Не ми е чудно зошто. Реалноста стана игра, а играта реалност. Ама, во реалните војни расте ли расте бројот на жртвите, небаре игра! Паралелно, расте и насилството врз најслабите. Волшебен круг.

Мора да фрлиме светлина на едно прашање што предолго време фрла сенка на премногу животи, родово базираното насилство. Се работи за злосторство што ги надминува границите, ги надминува културите, го надминува социо-економскиот статус и бара обединета нација. Не само наша овде, не само на органите на власта, не само во регионот, туку и пошироко.

16 дена активизам против родово базираното насилство е многу повеќе од кампања. Кога бие се грижеле 365 дена, не би имало потреба од 16 дена! Ги повикувам, не само младите жени и девојките, туку сите да ја преминеме и надминеме тишината  и молкот. Сите сме виновни, не само оние кои посегаат по насилство, туку и оние кои го гледаат насилството и молчат. Соучесници се.

Треба да ја оспориме неправдата, да ја потврдиме посветеноста на свет во кој безбедноста и достоинството не се привилегија на најголемите и на најсилните, туку се права што мора да ги уживаат сите: и малите држави, и запоставените и младите жени и девојки. Да го засилиме гласот на преживеаните, да се залагаме за промени и да подигнеме сеопшта акција во борбата против насилството. Реалноста со која мора да се соочиме очи во очи е реалност што не смееме да ја толерираме, туку мораме да ја промениме. Се изморив од цитирање конвенции и  декларации, од зборови, оти „fama volant“ (зборовите летаат).

Чувме потресна статистика: една од 3 жени во светот доживува физичко или сексуално насилство во текот на животот. Ако е проблемот планетарен, треба да се решава планетарно.  Зборуваме за постојни растечки конфликти, за време на длабока криза, а знаеме дека во време на војна ризикот се удвојува, зашто жените и девојчињата инструментализираат.

Понатаму, знаеме дека дигиталните платформи се трансформативни, ама тие се и плодна почва за онлајн насилство, за онлјан злоупотреба, за тешко вознемирување и за тешка експлоатација. Колку „јавни соби“ треба да ни се случат за да реагираме?

Да не забораваме, не се работи за бројки и за статистика, се работи за животни приказни. Тие не смеат да се дозволуваат, не смеаат да се читаат, не смеат да се промовираат, не смеат да се шират. Значи, се работи за трагични приказни за луѓе, за личности на кои им се одземени безбедноста, мирот, достоинството и слободата. Тие не потсетуваат на итноста на мисијата на секој човек, на секоја власт и на секоја држава, како и на меѓународните организации кои, ако не ја вршат оваа функција, ја губат целта на постоењето. Има Обединети Нации, Совет на Европа, ЕУ, Меѓународен кривичен суд. Зошто не се почитуваат нивните пресуди?

Ние имаме моќ да обликуваме свет во којшто нема да се толерира насилството врз младите жени и девојки, но и насилството врз било кој. За да го постигнеме тоа, треба да отвориме мировни фронтови на сите страни. Треба да зборуваме и да убедуваме.

Имаме законодавство имаме, но треба да го спроведуваме, да го зајакнеме, да ги затвориме правните празнини. Не е доволно да се пофалиме дека сме предвиделе кривично дело фемицид, ама наместо него, судиите бараат друго, полесно.

Треба да ја прецизираме одговорноста на сторителите, да не посегаме по преквалификација.

На преживеаните не им треба само нашата емпатија, ним им требаат конкретни услуги, им треба засолниште, им треба бесплатна правна помош, им треба социјално-социолошка помош, поддршка за повторно да си го изградат животот што без нивна волја бил урнат.

Најважното во битката со насилството се едукацијата и превенцијата. Генерално, Европската Унија и нејзините институции имаат задача да превенираат од војна. ООН има иста таква задача, НАТО има задача да превенира од војна, затоа постојат сите тие, а не со воени реакции “post festum” или со санкции.

Мора да спроведуваме еднаквост без оглед на припадноста.

Мора да ги почитуваме вредностите, мора да промовираме ненасилство уште од рана возраст, мора гандиевски да пристапуваме кон проблемите. Мора да ги ангажираме сите на кои се однесува проблемот, значи мажите, момчињата, сите останати, мора да создаваме сојузништво во оваа борба.

Најстрашно е кога прашањето го третираме како женско, а не како најважното општествено прашање, што ги засега сите.

И ОБСЕ има дел од одговорноста зашто во неговото име е содржана безбедносната димензија.

Мора да го поттикнеме мирот, оти попусто ни се човековите права ако живееме во неизвесност, несигурност, парализирани од страв.

Ако ја интегрираме родовата перспектива во сите активности, нема да зборуваме за апстрактен модел, туку за фундамент на одржливата безбедност. Фундамент е мирот,  вграден во сите активности, па и во оние на ЕУ.

ОБСЕ продолжува да стимулира дијалог, соработка, потрага по нови решенија. Да го искористиме овој моментум за да креираме мировни политики, политики против насилството, да обезбедиме ресурси за нивното спроведување, да создадеме партнерства за трајни промени: дома, во регионот и надвор, во светот.

Да си замислиме, ама и да работиме на иднина во која ниту едно дете нема да расте како сведок на насилство во својот дом, ниту една жена нема да живее во страв дека се движи сама и дека и прети насилство, ниту еден преживеан нема да се чувствува замолчен, а уште помалку засрамен заради тоа што ја споделил приказната и затоа што рекол дека ова што мене ми се случи, не сакам никому да му се случи.

Мислам дека треба да се движиме кон свет ослободен од насилство по било кој основ. Знам дека е амбициозно, но некогаш и тоа што нам ни изгледа неможно, може да се оствари, ако сме храбри, ако сочувствуваме, ако ги делиме убедувањата, но и ако делуваме.

Сега, кога ги започнуваме овие 16 дена активизам, не смееме на тоа да гледаме како на почеток на една привремена кампања, туку, како на еден чекор во одржливото движење, на чекори што не смеат да запрат.

Да се обидеме ги слушнеме и разбереме жртвите на насилството, да го чуеме нивниот глас, да одговориме уште погласно, да не ја заборавиме реалноста во којашто живееме. Верувам дека ова ќе допре до секој поединец во оваа просторија, ама и пошироко. Сигурна сум дека мора да ја свртиме плимата против секое насилство.

Јас не би седела овде со Вас, ако не верувам во свет во кој секој ќе може да живее ослободен од страв, без насилство и со надеж.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на одбележувањето на 30 години претставништво на УНХЦР во земјава

Претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на одбележувањето на 30 години претставништво на УНХЦР во земјава

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со регионалниот директор на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци за Европа, Филип Леклерк и присуствуваше на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставување на дипломатски односи со УНХЦР....

Работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија

Работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска имаше работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија во земјава, организиран од унгарскиот амбасадор, Андраш Клајн. Во пријателска атмосфера се дискутираше...

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жени и девојчиња, со фокус на сајбер-насилство. Пренесување на препораките од претходното на новото Собрание“, што во организација на Комисијата за...

Брифинг за борбената готовност на Армијата

Брифинг за борбената готовност на Армијата

Претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, денеска присуствуваше на брифинг за борбената готовност на Армијата. На брифингот, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски и...

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на Свечената академија, што по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. [gallery...